Ако го читаш ова, тогаш е предупредување за тебе. Секој збор што го читаш од овој бескорисно потрошен простор е уште една секунда од твојот живот. Зарем немаш да правиш други работи? Дали твојот живот е толку празен така што немаш подобар начин да ги потрошиш овие моменти? Или си толку импресиониран со авторитетот на кој му даваш почит и доверба на сите кои го бараат тоа од тебе? Дали читаш се што треба да читаш? Дали размислуваш за се што треба да мислиш? Купуваш се што ти е кажано дека треба да го сакаш? Излези од твојот дом…. Запознај член од спротивниот пол…. Престани со претераниот шопинг и мастурбација… Дај отказ на работа… Започни борба… Докажи дека си жив… Ако не ја докажеш својата хуманост ќе станеш статичен… Ти беше предупреден… Тајлер!
Се прашувам себеси некогаш, дали она кон што се стремиме е наша искрена определба, желбата да имаш стан на Менхетен со најскапиот мебел, достојно работно место, да пиеш Старбакс кафе секој ден, сајбер просторот да ти биде брендиран од Ејпл или Мајкрософт, да се облекуваш и изгледаш како што Келвин Клајн или Томи Хилфигер сакаат, да се трудиш да изгледаш како нивните патетични роботи-модели со рок на траење, да размислуваш како мнозинството со цел да се вклопиш себеси во овој свет и да бидеш прифатен како нормален…
Fight Club ги носи одговорите на сите овие прашања што ги мачат оние кои себеси се наоѓаат изгубени во лавиринтот на животот и покрај тоа што го оствариле она што општеството го барало од нив. Ние луѓето сме природни суштества, размислуваме, чуствуваме, бараме да бидеме разбрани од другите во нашата подсвест, тоа е нашата природа, да се бунтоваме против се она што пробува да не зароби користејќи ја нашата алчност за материјалното, користејќи не како потрошувачи, конзумери на се што е создадено за нас со цел да не направи вредни за нашето постоење.
Во еден момент на човек му доаѓа преку глава од сите тие таканаречени успеси наоѓајќи се себеси потрошен, искористен и фрлен на дното, резултатот очекуван… инсомнија. Но неспиењето со месеци не е болка, ракот на тестиси е болка, да се биде свесен дека имаш уште денови за живеење е болка… Блиската средба и делењето на емоции со луѓе кои го изгубиле најважниот извор на машкост, луѓе кои се свесни дека утре ќе ги нема, го прави човек среќен дека неговиот проблем е некоја си смешна инсомнија.
Едвард Нортон е пример на кој било човек бидејќи во филмот не е именуван како лик кој станува свесен за тоа колку е површен животот насочен кон професионален успех притоа занемарувајќи ја својата емотивна состојба која е почеток на се, она што не прави нас различни од вештачкото. Неговото еволуирање започнува при посета на групите за поддршка откривајќи се себеси како личност, наоѓа утеха и разбирање во луѓе кои веќе ја изгубиле и последната надеж. Се е во ред се до моментот кога ја запознава за прв пат Марла Сингер, девојката која ќе стане негов најголем кошмар, но во исто време и единствена светла точка на надеж во неговиот подсвесен свет. Неговиот нов интимен свет ќе биде разоткриен, неговата внатрешна интима разголена и како резултат на тоа тој продолжува со процесот на еволуција, создавајќи свое второ јас, прикажано во филмот како Тајлер Дурден кој го игра Бред Пит. Неслучајно Бред Пит бил одбран за оваа улога, бидејќи секое машко човечко суштество во себе сака да изгледа како него, да биде доминантен и самоуверен во себеси и своите определби. Неговиот лик е целосна креација на Едвард Нортон и претставува се она што тој сакал да биде а не е, интелегентен, добар изглед, комотен и флексибилен, со бунтовно размислување и реакции против се она што е наметнато, бестрашен, бескомпромисен, храбар и одлучен. Во тој процес на развиток на неговата психичка сила тој ги вади на површина сите негови подсвесни состојби и кога ќе го достигне максимумот се префрлува на друго ниво на дејствување, прикажано во филмот на начин на кој на почеток се самозадоволува себеси како вработен на неколку места кои му овозможуваат да прави ред работи интересни за него, како на пример можноста да уфрлува порнографски елементи во фамилијарни филмови на кино проекции, што е случај и во самиот филм, бидејќи на крајот на секоја сцена се појавува порнографски сегмент кои се забележливи доколку се обрати посебно внимание и секако гледање на филмот неколку пати. Но тој не застанува тука, неговата желба за одмазда кон сето она што го направило роб на својот живот станува се поголема и резултира со губење контрола врз себеси, врз своето второ јас.
Името Fight Club е доста автентично за филмот, првите две правила на боречкиот клуб се да не зборуваш за боречкиот клуб, тоа е она што те прави различен од другите, она на што треба да си горд дека си член, да се чуствуваш посебен, да ги победиш сите стравови кои ти пречат во развојот и во барањето на себеси, бидејќи не е можно да знаеш за себеси ако не си бил во борба, ако не научиш да губиш и уживаш во тоа како да си победил. Но сепак во исто време мора да внимаваш да не ја испуштиш контролата од раце, мора да ги анализираш работите од повеќе гледни точки, да си свесен ако си претерал и да го стопираш тоа што веќе си го создал макар и да уживаш во моќта бидејќи твојата вистинска личност ке биде проголтана од сето она што си сакал да си.
Филмот од критична гледна точка претставува перфекција како уметност, се си е на свое место, сцените, глумата, начинот на кој што се претставени човечките реакции на ликовите нуди многу повеќе од тоа колку што изгледа на прв поглед, целата актерска екипа се надминува себеси во многу погледи, секако дека поголем дел од заслугата има и режисерот Дејвид Финчер кој направил адаптација на истоимената новела од Чак Палахниук со мали измени со цел секој гледач кој повеќе кој помалку да се пронајде себеси во ликот на Едвард Нортон.
Fight Club се карактеризира како орудие кои ги допира оние човечки чуства за кои и самите понекогаш не сме свесни дека постојат во нас, можеби вознемирувачки начин, но сепак сосема реален, постоечки во секој од нас, не прави да се прашаме самите каде е нашиот разум во овој момент…